Разлики меѓу секојдневна анксиозност и анксиозно растројство

Што значи овој увезен термин секојдневна анксиозност?
       На македонски јазик значи нервоза, чувство на вознемиреност, грижа или страв предизвикани од реални настани со кои се соочуваме секој ден и со кои треба или мора да се „избориме“ во текот на тој ден или во наредните денови. Нервоза чувствуваат сите, некој поинтензивно и почесто, некој поретко и помалку интензивно. Тоа чувство е нашиот најстар и најверен сојузник. Ни помага да се подготвиме за соочување со некој настан или со последиците на некоја наша процена (некогаш погрешна) и да ја поправиме работата. Ни помага да препознаеме опасност и да ја избегнеме. Ни го спасува животот!

       Биолошките основи на оваа емоција лежат во физиолошкиот одговор на организмот популарно наречен fight or flight реакција, термин кој за прв пат го вовел и го објаснил Валтер Брадфорд Канон (1871-1945), американски физиолог, професор и шеф на Одделот за физиологија при Медицинскиот факултет на Харвард, САД во 1932 година. Овој физиолошки одговор е наједноставната, најсуштествената и најелегантната потврда на невроендокрината целина и внатрешната хомеостаза на живиот организам и највпечатливиот доказ за биолошките корени на психијатриските растројства.image

       Акутниот стрес одговор (поново име за реакцијата „борба или бегство“) се одвива преку хипоталамо-хипофизно-надбубрежната оска и оската која го поврзува симпатичкиот автономен систем и кората на надбубрежната жлезда, што се манифестира со зголемена секреција на кортизол, адреналин и норадреналин и адекватни промени во работата на телесните органски системи: тахикардија, тахипнеа, хипертензија, хипертермија, хипергликемија.

       Значи, нервозата може да се манифестира со срцебиење, потење, бледило, црвенило на лицето, ладни раце, психичка вознемиреност, несигурност, страв, деконцентрација, слабо помнење, тегоби со варењето. Секојдневната анксиозност обично се манифестира со иритабилност, краткотраен страв или грижа секогаш поврзани со реална конкретна ситуација.

Што значи анксиозност при анксиозно растројство?
       Анксиозноста при анксиозното растројство претставува силна, нејасна, непријатна емоција која што се доживува при предвидување на некоја (обично погрешно дефинирана) несреќа. Се карактеризира со субјективни чувства на исчекување, стреперење или страв или со чувство на претстоечка несреќа, здружени со различен степен на вознемиреност на автономниот нервен систем и реактивност. Трае подолго од шест месеци (за да се постави дијагноза анксиозно растројство) и негативно влијае врз сите аспекти на животот (личен, професионален и социјален).
Таа е резултат на долготрајно дејство на генетски, психобиолошки, социјални и други фактори кои дејствуваат врз нас и предизвикуваат исцрпување и „прегорување“ на физиолошките механизми на справување со опасноста и развивање на нездрави обрасци на неефикасно справување со стресогените фактори.Табела

Секојдневна нервоза и анксиозни растројства кај студентите
       Според податоците на American College Health Association во 2014 година 14% од студентите во САД биле лекувани од анксиозно растројство, а 12% од депресија, потоа 39% посетиле советувалиште во состав на универзитетските кампуси или на друго место. Педесет проценти од студентите изјавиле дека во минатата година биле под толку силен стрес што воопшто не можеле да функционираат.
       Во последната година во оваа земја започна кампања за ревидирање на курикулумите на студиите по медицина, како на додипломските така и на постдипломските (особено на програмите за специјализација) поради алармантно зголемување на бројот на самоубиства меѓу специјализантите.
       Според резултатите од нашите студии (2010-2014 година), преваленцијата на висока анксиозност кај студентите по медицина е 25%. Педесет проценти од студентите во прва година се жалат на висока анскиозност. Слични се податоците и за студентите по стоматологија (22%).

Што може да се стори за да се подобри состојбата?
Рано да се препознае проблемот од страна на самата личност и нејзините најблиски.
Да се прифати постоењето на проблемот, кој, ако трае подолго време, има помалку шанси да исчезне сам од себе.
Да се охрабрат и личноста што страда и нејзините најблиски да се обратат на места каде може да добијат помош.
Да се охрабрат да го споделат проблемот со пријателите (ќе се изненадите колку луѓето имаат слични проблеми за кои не сакаат да зборуваат плашејки се од неодобрување, осуда, потценување, понижување, а за кои веќе побарале и добиле помош).
Луѓето се најголемиот извор на стрес, но тие се и најголемиот извор на лекот против стресот!
Истражувањата од 2015 година покажуваат дека студентите во САД се многу помалку оптоварени со стигмата од ментално нарушување и многу полесно и почесто се обраќаат за помош од постарите возрасни луѓе.

А институции и начини за стручна помош кај нас има многу!
Една од нив е Советувалиштето за студенти по медицина при нашиот факултет.

Ваша,
Доц.д-р Сања Манчевска