Заврши уште една колоквиумска недела. За некого беше успешна, за некого – не. За некого – награда за вложениот труд, за друг – незадоволство и поука дека навремено треба да се спрема материјалот. Како и да е, „најтрагично“ искуство се првите паднати колоквиуми, кога мислиме дека сме го достигнале дното, и дека тоа е навистина најтрагичното нешто. Но ајде да погледнеме од поинаква преспектива…

Најпрво, нормално е да се падне колоквиум. Како студенти имаме толку многу колоквиуми, испити, полагања, што скоро и да нема некој што положил се’ од „прва“. Во ред е и да не се чувствувате убаво поради паднатиот колоквиум. Слободно исплачете се. Искажете ги емоциите. Не чувајте ги во себе, наштетувајќи си себеси дополнително. Разбирливо е дека не ви е сеедно, сте вложиле труд и време, но веројатно не било доволно и ви треба некаква промена.

Искористете го времето пред да започнете со спремање на предметите од следната колоквиумска недела, за да воочите што правите „погрешно“, дали може да откриете друг поуспешен начин на учење, дали доволно повторувате, на што повеќе да посветите внимание… Не срамете се да побарате совет од постари колеги или од ваши врсници кои поминале подобро.

Започнете навремено со спремање на материјалот, бидејќи дисциплинираноста и посветеноста е клучен фактор за успех. Поради тоа никогаш не оставајте нешто за утре, ако можете да го направите денес. Заборавете што се случило претходно и фокусирајте се на она што доаѓа. Нека вашиот привремен „неуспех“ ви даде дополнителна мотивација, гледајќи на него како искушение да откриете што се’ можете да постигнете. Потрудете се да не ги одржувате негативните мисли дека нема да положите, ќе заглавите… Имајте на ум дека речиси секој пред вас се наоѓал во истата ситуација, но на крајот успеал. Па верувајте во таа приказна, дека работите може да тргнат на подобро. Исполнете се со оптимизам и ентузијазам. Дополнителен колоквиум во испитна сесија и не е така многу, но ќе ви треба добар план, добра организација на времето и секако реорганизирање на приоритетите преку скратување на слободните активности. Сепак не е невозможно! Многумина ги положиле сите предвидени испити, иако паднале некој колоквиум.

На крајот од овие совети, корисно е да се повтори дека не треба да се запоставувате себеси, затоа што вашето физичко и ментално здравје се најважни. Што ќе значи: Наспијте се доволно – на вашиот мозок и на вашето тело му е потребен одмор. Дружете се со природата, прошетајте; излезете со пријателите, колегите, одржувајте социјален живот. И не прескокнувајте ги оброци во денот – потребна ви е енергија (глукоза) за да може мозокот помотивирано да работи (или време е да се почастите чоколадо 🙂 ).

Маринела Фармакоска, студент по општа медицина во трета година и Волонтер при Советувалиштето за студенти по медицина