Дали стресот е навистина “лош”?… Краткиот одговор би бил НЕ, но ајде да поминеме низ неколку интересни факти.

Најпрво, поимот стрес бил воведен во 1936 година од Hans Selye – еден од пионерите во ендокринологијата, со значење – неспецифичен одговор на организмот кон некоја опасност за промена. Или физиолошки, тоа би го опишале како fight or flight (бори се или бегај) состојба, кога нашиот ум ја перципира одредената ситуација, настан, личност, …, како потенцијална закана за нас, односно за некаква промена која неповолно би влијаела на нас. Тогаш таа ситуација станува стимулус – стресор, кој активира низа случувања во нашето телото со цел да ја ангажира потребната енергија и механизми кои треба да ни помогнат да се “справиме” со стресорот. Истиот научник дефинира две категории на стресот – еустрес и дистрес. Еустрес е т.н. “позитивен” стрес, тоест нешто што ни ги полни батериите и што не’ мотивира да бидеме подобри, да ги исполниме своите цели… Додека дистресот е доживување или чувство дека настанот побарува физички, ментален и емоционален напор поголем од оној што може да го мобилизира индивидуата.

Ајде да го разгледаме ова низ следниот пример. Испитната сесија, или претстојниот испит може да претставува еустрес за еден студент, ако на него се гледа како настан кој ќе не однесе поблиску до целта, ако си кажеме дека овој испит сега треба да го подготвам за да имам еден помалку во следната сесија, за да стекнам знаење што ќе ми помогне во совладувањето на другите предмети и за посовесното работење подоцна… Но, истиот тој испит пак може да претставува дистрес за друг студент, кој на него гледа како досаден или невозможен да се научи предмет, само како уште една ставка во роковникот, кога “предвидува” дека ќе падне и како таквиот исход понатаму ќе ја афектира неговата, во тој момент, замислена ситуација. Оттука заклучуваме дека одреден настан едновремено може да биде и еустрес и дистрес, што воглавно зависи од нашата перцепција и од сите расположливи физички, ментални и емоционални сили кои ги оставиле претходните стресори.

Поради тоа, кога ќе се најдеме на некоја раскрсница или ќе забележиме дека симпатикусот е активиран, корисно е да се прашаме – Дали ова што ми се случува може негативно да го афектира моето здравје или моментална среќа, или е предизвик кој треба да се обидам да го надминам за мое најголемо добро? За да можеме полесно да ги препознаваме секојдневните стресори и како тие влијаат на нашето тело, треба да бидеме повеќе свесни и присутни „сега и тука“, а тоа се случува кога ќе ги “исклучиме” антиципацијата за некој иден момент, како при медитацијата и длабокото дишење. И секако за да поминеме “побезболно” низ дистресот важно е да практикуваме еустрес, тоест се’ она што ги обновува и ги зацврстува нашите сили од физички аспект на пример вежбање и танцување, како и состојби кои допринесуваат до релаксација и опуштање како на пример практикувањето медитација, присутност и слушањето на омилената музика…

Со желба за успешна испитна сесија, потрудете се да ги минимизирате секојдневните стресори или барем погледот на нив, со фокус дека потоа ќе следува заслужен одмор за рестартирање и собирање на сили за нови почетоци.