Почитувани колеги,

Ви посакувам успешна нова учебна година!

За да се постигне успех на секое поле потребен е голем напор, посветеност, фокусираност и многу откажувања. Тоа е особено точно за професијата доктор кај која процесот до постигнување успех (завршување на факултетот и стекнување диплома на доктор по медицина) е долг – трае 12 семестри. Една млада личност во најдобри услови ќе помине личен пат на трансформација во времетраење од шест години. При тоа ќе наиде на многу предвидени, очекувани, но и на многу неочекувани пречки од различна природа. Секоја пречка ќе биде силен предизвик за надминување, некој полесно премостлив, а некој ќе бара поголем ангажман за да се надмине.

Советувалиштето за студенти по медицина е создадено со цел да им помогне на студентите кои ќе почувствуваат дека имаат потреба од помош во справување со предизвиците во тек на студирањето. Психолошкото советување помага да се совладаат проблемите на конструктивен начин, да се пронајдат внатрешните сили за да се продолжи понатаму поинаку и поуспешно. Тоа е особено успешно и ефикасно при криза, краткотраен период во кој одредени проблеми се доживуваат како застрашувачки и крајно вознемирувачки и не можат да се  разрешат со дотогашните начини на справување со проблеми.

Ви посакувам многу среќа, голема колегијалност,  добро здравје и силна волја.

Се гледаме,

Доц. д-р Сања Манчевска