Потреба- Фигура-Контакт (процес на организмичка саморегулација)

       Човекот како интегрирана целина има своја природна тенденција да биде во баланс со околината околу себе. Кога овој баланс ќе биде нарушен поради потреба која се пројавува кај организмот, тогаш тој природно ќе тежнее да стапи во акција се со цел повторно да го воспостави овој баланс. Секоја наша потреба која секојдневно се јавува (глад, жед, умор и сл.) претставува резултат на едно нарушување на нашиот природен баланс (пад на гликоза во крвта, дехидрација, натрупување на токсини во мускулите и сл.) при што нејзиното појавување покренува низа на активности кои ние ги превземаме за повторно да ја воспоставиме состојбата на баланс која ни пружа задоволство и уживање.

       Кога потребата ќе се појави, нашата насоченост кон надвор овозможува истата да се издвои од сè потенцијално можно, нешто појасно и побитно кое ќе ни го овозможи нејзино задоволување. На тој начин потребата ја креира фигурата со која се задоволува нашата потреба, и кога истата ќе е задоволена, потребата се намалува а фигурата од интерес избледува повторно во позадината. Ова претставува здрав и непречен циклус на нашето искуство. Независно од тоа колку овие потреби се различни, за сите нив заедничко е тоа што процесот на нивното задоволување е во суштина ист. За истите да бидат задоволени мора да постои размена помеѓу организмот и неговата околина која се јавува преку контактот. Размената се јавува на границите на контактот на организмот и неговата околина. Тој е циклично или брановидно движење помеѓу конструкција и деструкција на фигурата. Контактот е креативен и динамичен, и претставува креативна адаптација на средината со која се сретнува (Perls, Hefferline & Goodman, 1951). Затоа и контактот претставува еден од основните постулати на Гешталт психотерапијата.

        Иако овде е презентиран пример со физиолошка потреба (глад, жед, умор, и сл) постојат и други многу покомплексни психолошки интерперсонални потреби кои доколку се пројават исто така бараат задоволување (потреба за прифаќање, припаѓање, признание, постигнување, и сл.) и водат кон психолошки баланс.

Анатомија на контактот – Фази во контакт циклусот

       Доколку за предмет на наше набљудување го земеме овој процес на контактирање на личноста со нејзината околина (под услов истиот да не трпи поголеми нарушувања) една од главните карактеристики кои би можеле да ги наведеме за него би биле неговата континуираност и флуидност. Сепак се со цел подобро да се согледаат и сфатат специфичните фази низ кои истиот се случува, овој природен и флуиден феномен вештачки може да се подели на неколку специфични фази: Сензитизација, Свесност, Мобилизација, Акција, Контакт, Задоволство (интеграција и асимилација) и Повлекување.

Физиологија на контактот – Протекување на искуството од една фаза во друга

       Фигурата се формира во текот на фазата на сензитизација, во текот на која организмот/поединецот почнува да доживува нешто што почнува да ја нарушува претходната балансирана состојба, а кое е базирано во појавувањето на некоја нова потреба. Доколку потребата која полека се формира генерира доволно енергија и го привлече вниманието на поединецот полека ќе се јави свесност за таа потреба, и потребата од несвесна ќе стане свесна. Во фазата на мобилизација оваа освестена потреба продолжува со генерирањето на енергија во потрага по соодветен начин на кој истата може да биде задоволена. Откако начинот ќе биде пронајден организмот стапува во соодветна акција која ќе го придвижи кон остварување на настанатата потреба. Кога ова ќе се случи и генерираната енергија ќе се ослободи организмот ќе оствари контакт со она што може да ја задоволи неговата потреба. Во текот на фазата на контакт организмот стапува во интеракција со она (личност или објект) што може да ја задоволи неговата потреба, прави размена, разградува и асимилира. Како резултат на оваа интеракција и размена со околината настанува промена во организмот. Откако настанатата потреба ќе биде задоволена преку овој процес на размена со околината организмот тежнее повторно да се врати во состојба на баланс преку фазата на повлекување, со што се заокружува и затвора циклусот на контакт-повлекување. Кога еден циклус ќе биде затворен организмот се повлекува повторно во фазата на сензитизација и го чека појавувањето на друга нова потреба.

Подготвиле:
Ивана Маринчек, гешталт психотерапевт, EACG & ECP,
ivana.marinchek@gmail.com
Радмила Живановиќ, гешталт психотерапевт, EACG & ECP,
radmila.zivanovic@gmail.com