Општествени фактори кои влијаат врз менталното здравје на студентската популација

       Академската средина е високо-компетитивна средина со постојани барања за континуиран професионален развој од сите нејзини членови. Некои факултети (какви што се медицинскиот, стоматолошкиот, правниот и техничките) имаат долготрајни и комплексни курикулуми кои што можат да претставуваат сериозен товар за студентите. Тие треба да покажат силна мотивираност, посветеност и истрајност како и да вложат сериозен физички и психички напор со цел да ги положат испитите во дадените рокови и континуирано да напредуваат. Високото образование за многу студенти подразбира одвојување од примарното семејство, барање ново живеалиште, приспособување на новата околина, создавање нови интер-персонални релации, зголемен финансиски товар за целото семејство. Сите овие промени можат да бидат стресогени фактори кои негативно ќе влијаат врз младата личност.

       Повеќе автори посочуваат дека слабиот академски успех е знак на тешкотии во приспособувањето и предиктор на откажување на студентот од факултетот. Општествените проблеми (неадекватен социјален живот и недостаток на подобности, лош систем на образование и административни проблеми) и личните проблеми (економски проблеми, разочарување, проблеми со друштво) со кои се соочуваат студентите се предиктивни фактори за појава на висока анксиозност и за појава на депресивни симптоми. Високата анксиозност кај студентите по медицина и по стоматологија претходи на појава на депресивна симптоматологија во период од една година. Според резултатите од нашите студии, преваленцијата на висока анксиозност кај студентите по медицина е 25%. Педесет проценти од студентите во прва година се жалат на висока анскиозност. Слични се податоците и anksioznostза студентите по стоматологија (22%). Студентите со високо ниво на анксиозност треба да бидат следени и мониторирани внимателно во текот на нивната едукација на факултетот, со цел да се превенира развој на клинички манифестно анксиозно растројство, а подоцна и развој на депресивно растројство.

Насоки за превенција на менталното здравје на студентската популација

       Овие резултати укажуваат на потребата од организирање на помалку стресни административни околности на студирањето и превземање на превентивни активности со цел заштита на менталното здравје на студентската популација, особено на студентите по медицина и стоматологија.

        За подобрување на условите за студирање може да придонесат замената на постоечкиот систем на предавања „ex caterdrа“ со систем на поголема интеракција меѓу наставниците и студентите преку воведување на мали групи за учење, семинари, менторски систем и студентски групи за поддршка во учењето, потоа зголемување и подобрување на сместувачките капацитети, како и обезбедување на поголем број места за рекреација на студентите. Потребно е организирање на едукативни активности (работилници, трибини, предавања) за подигнување на свеста на студентите за можноста за превенција, зачувување и подобрување на менталното здравје. Вклучувањето на наставниците и соработниците на факултетите во менторирање, водење и советување на студентите ќе придонесе за намалување на негативните ефекти на академската средина врз менталната благосостојба на студентите.

        Организирање на советувалишта кои што ќе бидат во состав на факултетите и лесно достапни за студентите ќе овозможи дестигматизација на психолошката и психијатриската консултација, рано и брзо детектирање на проблемите, нивно решавање со примена на психотераписки техники ( кратка супортивна психотерапија, когнитивно-бихејвиорална, гешталт) и брзи и ефикасни интервенции во состојби на криза кај оние студенти на кои тоа им е неопходно, а со цел да се спречи развој на клинички манифестно ментално нарушување кое ќе треба да се лечи со психофармаколошка терапија подолго време.