Драги колеги,

Кога размислував како најреално да ви опишам, со една реченица во што се впуштате единственото нешто што го добив како производ од импулсите низ моите мозочни синапси беше токму ова, што погоре ви го пишав, – добро ни дојдовте во оваа “Земја на чудата”.

Сега некои од вас веќе нечујно си коментираат, аа девојкава изгледа уште живее во светот на бајките штом Медицинскиот факултет и е “Земја на чудата” , останатите верувам останаа со очите вџашени, жедни да дознаат што ли би следело понатаму во текстот. Можеби има и некоја трета група, за која што моментално неможам да предвидам дека постои.

Како и да е дозволете ми, барем за момент, да бидам Алиса и ајде со мене на прошетка во “Земјата на чудата”!
И еве сум, фамозниот Амфитеатар 1 каде всушност и ти си само еден меѓу стотина, по малку изгубен лик, кој не знае што го чека.

Почна и првото предавање по Анатомија на кое да го запаметиш musculus sternocleidomastoideus беше нешто слично како да си го освоил шампионска титула. Би ве излажала кога би ви рекла дека во овој момент стравот не чука на портите, а несигурноста, таа пак како за белја, секогаш оди со него.

За среќа набргу сфатив дека не сум единствената на која што ова “добредојде” и беше повеќе како – “каде ли дојде” па знаете кога делиш иста судбина со некого набргу тоа преминува во едно прекрасно нешто, а тоа се вика пријателство. Веќе Алиса не беше сама, тука беа нејзините пријатели, Белиот Зајак, Лудиот Шапкар, но и секојдневно нивниот број растеше.. Е вака веќе тагата, стравот од неуспех и сомнежите во сопствените способности беа камења кои се распарчуваа се до мали зрнца песок. За таа сметка пак среќата, тоа неописливо чувство после секој положен колоквиум, испит, онаа најискрена топлина откако си помогнал некому кога си можел и моите омилени- еуфорични прегратки за да ја споделиш радоста, е тие, тие се множеа со бесконечност.

И деновите така минуваат, препреките се тука, на почетокот изгледаат огромни, непобедливи, ненадминливи, но знаете, ќе ви кажам една тајна… чудно, ама вистинито-колку повеќе им се доближуваш, тие толку помали стануваат!
Има и многу врати на кои што треба да тропнеш, секако без да знаеш што те чека и така стоиш пред нив, со срцето во заби, за на крај да сфатиш дека всушност те чекало она што ти самиот имаш да го понудиш.

Колку ли пати само сум рекла “Ова е невозможно!” и навистина сум го мислела тоа, но за среќа го имав тука мојот другар, Лудиот Шапкар да ми каже: “Невозможно е само доколку веруваш дека е!”, паметен, паметен е тој.

Како што минуваа деновите, месеците и годините, со секој освоен предизвик добиваш се повеќе сила за наредниот, веќе почнуваш да ги градиш темелите, на најблагородната професија што постои, топло ви препорачувам да го употребите матријалот- “знаење” за нив. Така секогаш ќе бидете посилни и посигурни во себе и секако ќе можете еден ден да му помогнете на вашиот пациент, да му ја вратите насмевката на лицето некому, да спасите нечиј живот!

И се движам јас уште низ патеките во “Земјата на чудата”, веќе со помалку страв, знаете, научив дека тука стравот бега од храбрите, бега од одлучните, бега од истрајните! Ајде и вие, ајде со мене, ајде со нас! Штом можам јас и моите другари, оној Белиот Зајак и Лудиот Шапкар, можете и вие! Се што треба да направите е еден чекор, милиметарски ако треба нека биде, само да е на напред!

Како ќе заврши ова мое патување навистина не би можела да ви кажам, тек на половина пат сум, за вашето пак уште помалку би знаела, но знам дека ќе имаме сите ние пред нас уште многу “Ups & downs” , ако нека има, тие се само знак дека сме живи. Изоелектрична линија и асистолија не ни треба, нели!?

А сега извинете ми, морам да ве напуштам имам уште многу, многу нешта кои едвај чекам да ги откријам тука, во нашата “Земја на чудата” !

Да, Алиса си замина во потрага по своите чуда, но тука е тимот на Советувалиштето за студенти по Медицина кој секогаш ве тука за вас! Составен е од тројца студенти волонтери, Мартин Мисаиловски- емпатистот, Никола Манев- реалистот и вашата “Алиса” – Христина Ампова. Тројца навистина потполно различни профили на личност, кои ги поврзува една иста цел- да ви бидат вам од помош, да бидат тука за вас кога ќе имате потреба за разговор, совет, споделено искуство.. или пак нешто сосема друго.

Како дел од тимот е и Марина Георгиева, дипломиран педагог која ви стои на располагање кога ќе осетите дека имате потреба, можеби, од некоја нова техника за учење. А личноста која е нашата Алфа и Омега, личноста која што е секогаш отворена за разговор со вас е раководителот на Советувалиштето, Доц. д-р Сања Манчевска, спец. психијатар чија најголема желба е да постои место каде што студентите можат да побараат помош и поддршка и истата да ја добијат. Токму тоа место е Советувалиштето на студенти по медицина на при Институтот за Физиологија со Антропологија.

Не ми преостанува многу после сите овие зборови, освен на крај да ви посакам топло, од срце – добредојде, добредојдовте во Земјата каде што чуда навистина се случуваат, каде што има специјалисти од секоја област. Едни лекуваат скршени коски, други пак скршени насмевки..

И вие, мои драги колеги, еден ден сами ќе одберете што ќе лекувате, верувам и вие ќе правите чуда, чуда базирани на темелите на вашето знаење, збогатени со желбата да помогнете некому, облагородени со љубовта кон оваа наша, несомнено незаменлива Медицинска професија!