За јунската сесија пишувавме пред три години во статијата Јунска испитна сесија анте портас.

         Во меѓувреме изминаа неколку сесии – јунски, септемвриски, јануарски… Некои студенти кои ја читаа таа статија веќе дипломираа, некои се при крајот од студиите, некои во средина, а тука се и новите студенти кои се на почетокот на ова патување. Оваа статија првенствено им се обраќа на новите студенти.

         Јунската сесија е ГОЛЕМА фигура. И како секоја голема фигура бара почит и правилна процена на нејзината големина. Ако ја прецените, можете да се откажете и воопшто да не и пријдете. Ако ја потцените можете тешко да се разочарате.

         Со други зборови, клучот за продуктивноста и успешноста на сесијата, лежи во добрата, точната и реалната процена на своите желби и амбиции, на очекувањата и амбициите на родителите, на своите можности (колку сте мотивирани, колку сте физички и психички подготвени за учење), потоа на тежината и на обемноста на материјалот кој го подготвувате и последно, но и не помалку важно – колку време имате за да ги подготвите испитите.

         Процената воопшто не е лесна. Понекогаш е потребно да поразговарате со родителите за нивните очекувања. Тој разговор може многу да ви помогне и да ве растовари од големиот притисок да постигнете успех по секоја цена, дури и по цена на сопственото здравје, физичко и ментално. Понекогаш е потребно да се консултирате со колегите студенти, а понекогаш и со некој асистент или професор кои ќе ви помогнат реално да процените колку време ви е потребно за учење на некој материјал и како да испланирате и да се организирате при учењето.

Еве неколку идеи како успешно да ја поминете јунската испитна сесија.

1. Направете реален список на предмети кои планирате да ги полагате.
         Секогаш давајте им приоритет на големите условни предмети. За тие предмети секогаш треба многу време за подготвување, вообичаено повеќе од планираното. Не се распленувајте, не почнувајте да учите одеднаш поголем материјал, на пример три колоквиуми, или комплетен испит, или пак три големи испити одеднаш, бидејки на тој начин се распленува фокусот и практично тргате да се коцкате со јунската сесија. Да, коцкањето може да биде привлечно, го крева адреналинот, и заедно со неизвесноста на исходот и оптимизмот се одлични мотиватори, но на жалост многу ретко исходот е соодветен на очекуваниот. Просто кажано, многу е веројатно да се случи да се падне на сите планирани колоквиуми или испити.

2. Направете реална процена – Што значи јунската сесија за вас лично?

         Ако ја прецените и користите негативен антиципирачки приод: „леле што ќе правам ако не положам ништо во јуни“ блокирањето е активирано веднаш, дури и пред да почнете со подготовките. Колку сте повознемирени и позагрижени, толку потешко учите и помните, а воедно тонете подлабоко во нерасположение и вознемиреност. Реално гледано, после секоја јунска сесија има и септемвриска.

         Од друга страна пак, ако ја потцените „рано е, имам време, лесен е материјалот, ќе набавам прашања, ќе го научам целиот материјал за три дена…“ , став и однесување познати како одолговлекување, за кои постојат многу различни причини, од чиста мрза до длабока несвесна автодеструкција и себесаботажа, повторно се блокирате себе си. Но, овој пат разликата е во тоа што блокирањето се случува непосредно пред испитот – тогаш сфаќате колку е непропорционален односот на времето во споредба со обемот на материјалот. Колку подолго одложувате, толку е посигурен негативниот исход.

3. Хранете се здраво, бидете физички активни и бидете оптимисти за време на подготвувањето на испитите.
         Кога ќе ги споменеме физичката активност и здравата исхрана за време на подготовките на испитите, особено во периодот кога тие ја достигнуваат својата кулуминацијата и кога сте максимално посветени на испитите, тие се чинат како сосема не важни. Но, вистината е дека тие се подеднакво важни како и сите други претходни нешта кои ги набројавме. На кратко, после здрав оброк (зеленчук, овошје, здрави јаглени хидрати, протеини и многу течности) и кратка физичка активност, нашиот мозок има поголем капацитет да апсорбира информации, а воедно овозможува да се дефокусираме од учењето на кратко, што е особено важно при подготвувањето на испитите. Дополнително, користењето на додатоци во исхраната, какви што се магнезиум и витамините од групата B е особено делотворно врз мозокот.

Со среќа и со успех во јуни!