По завршувањето на секој семестар следи испитна сесија; за таа да биде успешна потребно е добро да се подготвиме и организираме. Ова се моите совети за успешна сесија, поделени на совети за пред, за време на, и по испитната сесија:

  1. Пред испитна сесија:
    • Распоред за испитна сесија – запишете го распоредот во нотесот со сите денови вклучувајќи ги викендите. Потоа разгледајте што треба да полагате, кога и колку имате за учење по секој предмет. Според ова ќе си обележите точно кога ќе полагате и ќе можете да видите колку денови имате помеѓу два испита. 
    • План на времето – испланирајте го времето во текот на испитната сесија, затоа што колку и да сте спремни сепак треба да повторите пред испитот, а 500 страници не се повторуваат вечерта пред испит. Мој совет е да комбинирате еден лесен со еден тежок испит во текот на една недела, на тој начин лесниот предмет ќе го спремате измеѓу спремањето на потешкиот. Секако оној предмет кој за мене е лесен, не мора да значи дека за вас ќе биде, и обратно. Затоа, секој има слобода да ја планира испитната сесија според тоа кои испити треба да ги полага и како му одговара подобро.
    • Забележете си дали некој предмет има и писмен и усмен дел од завршниот испит, затоа што, во тој случај, вториот (усен) дел не е ставен во распоредот, па затоа треба да си планирате дека неделата после писмениот испит ќе имате уште еден испит додатно, па ќе можете да си го испланирате времето поефикасно.
  2. За време на испитна сесија:
    • “Work-life balance” 🙂 – екстремните однесувања од типот постојано „журкање“ или постојано „седење над книга“ често водат до неповолен исход и не не’ доведуваат до очекуваните резултати. Првото е резултат на недоволна припрема, а второто пак, често може да доведе до „прегорување“. Треба да се има на ум дека на мозокот му е потребен одмор како би можел да складира нови информации. Ова иде во прилог на тоа дека времето треба точно да го поделите и да си овозможите уживање и привремено дефокусирање од учење, без да отидете во една од двете екстреми. Норма нажалост не постои и колку време ќе се посвети на едното или другото, е многу индивидуално.
    • Добро следење на информации – објави за терминот на полагање, промени на термините, разни информации кои се од интерес за студентите во врска со полагањата, земање потписи, оценки. На овој начин нема да си додавате дополнителен стрес доколку дознаете за некоја промена во последен момент.
    • План од недела за недела – на секому се случува да планира да полага некој испит, но да не биде задоволен од тоа колку се спремил, па да се реши да не го полага испитот. Затоа на крајот на секоја недела, разгледајте го распоредот за следната недела и видете колку материјал и колку време имате за учење, па потоа одлучете се дали ќе полагате или не. 
  3. По испитна сесија:
    • Ревизија на испитната сесија – како поминавте? Што положивте? Што ви остана? Дали фативте услов за сите предмети? Каков е вашиот просек? Што функционирало, а што не? Знаејќи ги одговорите на овие прашања ќе знаете како да се подготвите за следниот семестар, за следната испитна сесија.
    • Подгответе се за следниот семестар – документи за упис и заверка на семестар, потписи, оценки.
    • И на крај релаксирајте се – заслуживте. Без разлика на тоа колку испити сте положиле и дали сте фатиле услов за следниот семестар сепак сте вложиле труд и време за подготовка, затоа дадете си одмор и наполнете ги батериите за следниот семестар.

Многу едноставно, нели? Ве оставам со мојот омилен цитат:

“Never give in. Never give in. Never, never, never, never – in nothing, great or small, large or petty — never give in except to convictions of honour and good sense. Never yield to force. Never yield to the apparently overwhelming might of the enemy.”

Winston Churchill

Милка Мукаетова, студент по општа медицина во трета година и Волонтер при Советувалиштето за студенти по медицина