Да или Да… Не е грешка, одморот е задолжителен после една испитна сесија!

Помина уште една испитна сесија… Логично е да и се навратам уште еднаш, да согледам како се покажале моите стратегии за учење, да согледам колку сум ги исполнил целите коишто сум си ги зацртал… Можеби ќе бидам задоволен, можеби не, но, во која група и да се наоѓам, следниот чекор што е неопходно да го направам е о-д-м-о-р!

Токму така, одмор! Многумина велат: Учењето е инвестиција во знаењето! Ама одморот е инвестиција во себе! Тоа значи дека без разлика на резултатите од испитната сесија, но и после секоја работа којашто ја правам во животот и во којашто вложувам многу голем дел од себе, заслужувам да си дадам дозирана оддишка. За некого таа ќе трае неколку дена, за друг, пак, неколку недели, трет ќе има потреба и повеќе. За некого ќе значи време поминато со себе и можеби гледање на омилените филмови, друг, пак, ќе може да си овозможи летување надвор од градот, а некој трет може ќе сака да им се посвети на своите запоставени хобија… Суштината е дека сите имаме различни пристапи да си се приближиме до себе, да си ја вратиме силата и да се подготвиме за новите предизвици! Суштината е дека на сите ни треба одмор!

Некој ќе каже: – Ама јас не бев многу успешен, постигнав многу малку или “ништо” не направив од испитнава… Јас не заслужувам одмор… Морам веднаш да продолжам со учење… Дали и како ќе стасам се’ во следната сесија? Ова се само прашања и констатации кои го одвлекуваат фокусот од вистинската мета – внатрешниот мир и здравјето- како физичкото така и психичкото.

Како да се дојде до внатрешниот мир? Мирот е мојата суштина, мирот сум јас. Моите мисли за минатото (можеби можев поинаку да сторам, така можеби ќе успеев!?) и моите мисли за иднината (што ако не го фатам условот и следната сесија!?) се длабоко поврзани со моите емоции и со крајниот исход на моите активности. Значи, ќе мора да започнам од прифаќање на ситуацијата (така е, како е! Да сум можел и знаел подобро во овој период, сигурно ќе сум направел подобро!). Следниот чекор е “Учење од грешките”. Грешки не постојат, ако ги увидам за да ми служат да бидам подобар, поуспешен и посигурен следниот пат. Значи ќе треба да размислам што направив погрешно овој пат, што треба да сменам за во следниот обид да успеам. И последниот чекор е заслужен одмор. До каде и да сум стасал на својот пат, секако дека заслужувам одмор кој само мене ми годи… Ако ништо друго, барем затоа што се трудам да бидам подобар и поуспешен! На крајот на краиштата одморот ми треба за да можам со бистра глава да направам подобар план за следната сесија, да соберам сила да истраам во текот на целата сесија, да успеам да го остварам тој план, а при тоа да не „прегорам“ на среде сесија или пак да се саботирам себе си на секој чекор.

Драги колеги, јас ќе си дозволам себе си без грижа на совеста да одморам неколку дена. Дозволете си и вие некое време да не мислите на сите обврски и  да заборавите барем на неколку дена на реалноста и на плановите за иднината. Така најдобро ќе се подготвите за сите големи работи што ги чекаат луѓето што работат, но и што одмараат!

 Пријатно лето!